Главниот уредник на KomotiniPress Николаос Арванитес за телевизијата N1 изјави дека според неговите информации причина за денешната железничка несреќа е системска грешка во управувањето со сигнализацијата. Тој додаде дека споменатиот проблем постои веќе неколку години.
„Официјалната причина е човечка грешка, но тоа се случи бидејќи до сега ништо не беше направено на системот. Морам да кажам дека од 24 јануари до 4 февруари годинава синдикатите го предупредија министерот дека има проблеми. Суштината на несреќата е лоша приватизација и системски грешки во железницата“, посочи Арванитес.
„Според она што го дознаваме од теренот, од 354 лица, колку што имало патници и членови на персоналот на железницата, 194 се спасени, додека 42 се мртви, а 85 се повредени“, вели грчкиот новинар. Тој тврди дека грчките железници не се во најдобра состојба и дека е потребно да се обноват пругите бидејќи се стари од 40 до 50 години.
Да потсетиме, околу полноќ патнички и товарен воз се судрија во централна Грција. Спасувачките екипи по добиената пријава веднаш почнале да ги извлекуваат патниците од згмечените вагони. Подоцна беше објавено дека шефот на железничката станица во градот Лариса е обвинет за убиство од небрежност.