Грчката владејачка коалиција бара дополнителна поддршка за избор на претседател

Од:

Само два дена пред првото од трите можни гласања во Парламентот за избор на нов претседател на Грција, сите очи се вперени во независните парламентарци и пратениците на Демократската левица и Независни Грци, јави дописникот на МИА од Атина.

Гласањето ќе се одржи задутре во 19 часот, а досега само околу 10 парламентарци надвор од коалиција рекоа дека ќе го поддржат кандидатот на Владата, Ставрос Димас.

Аналитичарите коментираат дека ова укажува на тоа оти 165 пратеници ќе бидат добра појдовна точка за гласање во среда, додека Владата се надева дека може да добие поддршка и од 170 парламентарци.

На коалицијата и треба двотретинско мнозинство, што значи поддршка од 200 пратеници во Парламентот, кој брои 300 членови, за Ставрос Димас да биде избран во првиот круг. Ако тоа не успее, вториот круг ќе се одржи по пет дена, на 23 декември, на кој исто така се потребни 200 гласови. Третиот и последен круг од гласањето ќе се одржи на 29 декември, но овој пат потребното мнозинство гласови ќе се намали на 180 пратеници, што е и целта на Владата.

Ако претседателските избори не успеат, Парламентот ќе биде распуштен во рок од десет дена, а предвремените избори ќе се одржат најрано на 25 јануари и 1 февруари. Досегашните анкети покажуваат дека на евентуалните предвремени избори ќе победи главната опозициска партија Сириза.

Владата во моментов ја има поддршката од 155 пратеници и покрај 24-те независни пратеници, од кои голем број ќе бидат на страната на Владата, коалицијата се надева дека ќе привлече некои од пратениците на Демократската левица (10 пратеници) и Независни Грци (12 пратеници), кои веќе на разни начини наводно сигнализирале дека се подготвени да ги пробијат партиските редови и да гласаат за претседател.

Официјално, лидерот на Независни Грци Панос Каменос изјави дека неговата партија нема да гласа за нов претседател на земјата на ниту едно од трите гласања во Парламентот, и истакна дека „тоа треба да биде јасно и е завршена работа“. Пред неколку дена и Демократската левица соопшти дека нема да гласа за претседател на Грција.

Владејачката коалиција, а особено премиерот Андонис Самарас, во моментов се во активна потрага за собирање дополнителна поддршка. Самарас ја користи секоја прилика да ги повика пратениците да гласаат за Димас и коалицијата се надева дека во последен момент ќе добие поддршка. Иако првото гласање не е од суштинско значење за развојот на процесот, на него се гледа како на психички чекор кој ќе влијае на начинот на кој пратениците ќе гласаат во следните два круга.

Премиерот Самарас и неговиот заменик Евангелос Венизелос на наредниот период гледаат како на еден од најзначајните во последните години, период во кој земјата конечно ќе прејде во „пост финансиска помош ера“, по последното продолжување од два месеци. Тие знаат дека претседателските избори носат ризик да не биде избран претседател, па пред Грците играат на картата дека „е време за сите да ги исполнат своите одговорности во очите на грчкиот народ“.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит