Новата грчка Влада денеска вети дека ќе им даде можност на истополовите двојки за законско регулирање на врската, како одговор на пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2013 година, со која Грција е критикувана за дискриминација.
Грчкиот министер за правда Николаос Параскевопулос денеска во Парламентот изјави дека статусот на цивилните партнерства, што беше озаконет во 2008 година, ќе биде проширен и врз истополовите двојки, но не рече кога измената ќе биде воведена, пренесоа американските медиуми.
Европскиот суд за човекови права во 2013 година пресуди во корист на подносителите на тужбата, кои Грција ја тужеа заради нејзиниот закон за цивилно партнерство.
Новата грчка Влада е составена од левичарската партија Сириза, која на изборите пред две недели ги победи конзервативците, и десничарската партија Независни Грци, која во минатото се противеше на давањето права за хомосексуалците да ја озаконат својата заедница.