Мерки на три нивоа поврзани со поскапувањето на цените за поддршка на граѓаните и бизнисите, подготвува грчката Влада, а се очекува, како што најави владиниот портпарол Јанис Иконому, утре или задутре да бидат и официјално соопштени, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за радиото „Скај“, Иконому објасни дека ќе постои поддршка за ранливите и економски послабите граѓани, а дополнително ќе се прецизираат критериумите, додаде дека втората категорија е продолжување на помошта за електричната енергија и природниот гас за сите потрошувачи и бизниси, без исклучоци, додека пак третиот столб од владиниот пакет ќе се однесува на цената на горивата што ќе ја плаќаат граѓаните, мерка што сепак, нема да се однесува на сите.
Иконому истакна дека „многу се тешки последиците врз животот на Грците од она што се случува во Украина“, а Владата е во фаза на финализирање на мерките, кои ќе бидат соопштени утре или задутре.
-Ја исцрпуваме секоја можност, сè што постои, за да ја направиме оваа поддршка што е можно поефективна. Што значи тоа? Поддршката да биде што е можно поголема и што е можно поширока, односно да вклучува што е можно повеќе луѓе, објасни Иконому, додавајќи дека паралелно од Европа очекуваат европски одговор за проблемите на енергетскиот пазар.