Грчката Влада ги продолжува тешките преговори со меѓународните кредитори, чии претставници не соопштија ништо по двочасовната средба со министерот за финансии Јанис Стурнарас. Според Стурнарас, „тројката“ побарала појаснување на кој начин грчката влада ќе заштеди 13,5 милијарди евра.
Грчките медиуми јавуваат дека средбата меѓу премиерот Антонис Самарас и претставниците на ММФ, Европската централна банка и ЕУ траела многу кусо, што ги поттикна шпекулациите дека преговорите наишле на тешкотии, но извори блиски на премиерот подоцна демантираа дека се работи за такво нешто.
Фактот што неколку прашања остануваат отворени во преговорите со „тројката“, вклучувајќи ја и суспензијата на 15.000 државни службеници, на што двајцата помали партнери во коалицијата жестоко се противат, сугерира дека е малку веројатно во наредните неколку дена да се постигне договор, со што ќе се уназади целиот процес.