Грчката национална банка НБГ ја презема конкурентната Еуробанк, со што е создадена најголемата банкарска институција во Грција.
Во соопштението на НБФ се вели дека над 64 илјади акционери на Еуробанк се согласиле на замена на акциите, а со тоа на НБГ и е овозможено да стане сопственик на 84 проценти од хартиите од вредност на помалата банка.
Спојувањето следеше откако на 10-ти јануари беше одобрено од грчката Комисија за пазар на капитал. Според најавите, тргувањето со акциите на новата обединета банка на Атинската берза ќе започне на 27ми февруари.
Лани НБГ оствари загуба од 2,45 милијарди евра, додека Еуробанк во декември информираше дека во првите три квартали од 2012та година, нејзината нето загуба изнесувала 1,095 милијарди евра.
НБГ планира да скрати околу две илјади работни места, или околу 15 отсто од вработените во Грција за да се зголеми економичноста на работењето на банката по преземањето на Еуробанк, објави Ројтерс.
Од банката велат дека ќе бидат отпуштени дел од вработените кои се пред пензионирање, а ќе се отпуштат врз база на доброволна согласност. Процесот ќе заврши до март, а ќе бидат отпуштени само вработените од НБГ, а не и од Еуробанк.