Грчкиот архиепископ Јероним се изјасни против работењето на продавниците во недела, објави електронското издание на грчкиот весник „Нафтемборики“.
– Се занимаваме само со бројки и ги забораваме душите. Кога трговците ќе си ги видат своите деца, кога ќе си ги видат семејствата, кога ќе се одморат и ќе ги обноват силите?, коментира грчкиот архиепископ, откако вчера се сретна со министерот за труд Јанис Вруцис.
Предлог-законот на Министерството за развој предвидува продавниците до 250 метри квадратни да работат во недела. Од Министерството изјавија дека целта на промената е да се даде стимул Грција да ја посетуваат странски потрошувачи, да се зголеми конкуренцијата, а малите и средни претпријатија да ги зголемат приходите.
Трговци и синдикати, меѓутоа, остро реагираа на веста, а опозицијата ја нарече промената „смртоносен истрел врз малиот и среден бизнис“.