Грчките Вооружени сили почнуваат да се соочуваат со недостиг на места за сместување на бегалците кои се уште пристигнуваат во земјата, поради што премиерот Алексис Ципрас телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кого му изразил загриженост во врска со малото влијание на поморски патроли во Егејското Море.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, според податоците на Генералштабот на националната одбрана, во привремените центри кои ги формира армијата веќе има 20.475 бегалци, а има место само за 26.300 лица.
– Ние постојано создаваме нови места, но тие веднаш се пополнуваат, изјавил за „Катимерини“ воен претставник, кој барал да остане анонимен.
Постојат надежи дека бројката на луѓе кои треба да се сместат ќе почне да опаѓа кога Грција ќе почне да ги враќа мигрантите во Турција. Овој процес треба да започне на 4 април.
Празни места, сепак, ќе бидат потребни за бегалците во кампот Идомени, како и на пристаништето во Пиреја и на грчките острови. Ова значи дека вооружените сили, кои за прифатни центри ги користат главно напуштените воени кампови, можеби ќе треба да создадат речиси двојно повеќе од сегашниот капацитет.
Тоа била една од причините поради која Ципрас му се јавил на Столтенберг. Атина е загрижена дека патролите на Алијансата во Егејското Море допрва треба да ја запрат активноста на шверцерите.
Според владини извори, Столтенберг му рекол на Ципрас дека силите за итна реакција, познати како СНМГ2, допрва треба да почнат со нормална работа, така што во овој момент не може да се суди за нивниот потенцијал за запирање на приливот на мигранти.