Рецесијата на Кипар заврши и економијата покажува знаци на подобрување, изјави кипарскиот министер за финансии Харис Георгиадис на денешната меѓународна конференција во Никозија, во организација на списанието „Економист“, на која учествуваат претставници на Европската унија и на Европската централна банка.
– Периодот на продолжена рецесија најверојатно завршува. Податоците од последните четири квартали покажуваат дека основните производствени сектори демонстрираат поголема од очекуваната стабилност и дека се враќа довербата, посочи Георгиадис.
Тој потенцира дека е забележан незначителен првичен буџетски суфицит и се откажани вонредни мерки за борба со дефицитот две години порано отколку предвиденото во програмата за стабилизација, договорена со ЕУ и со Меѓународниот монетарен фонд.
Кипарското Министерство за финансии минатиот месец објави прогноза за економскиот развој на земјата, во која се истакнува дека рецесијата годинава ќе биде под три проценти, што е многу под очекуваното од кредиторите.