Грција денеска е парализиран поради генерaлниот штрајк што го свикаа двата најголеми синдикати на вработените во државниот и јавниот сектор против плановите на Владата за реформи во пензиското и социјалното осигурување.
Во Грција не работи градскиот и железничкиот транспорт, морнарите ќе штрајкуваат денеска и утре, домашните авиокомпании одложија десетици летови, а во меѓународниот авиосообраќај ќе има повеќе доцнења.
Во штрајкот учествуваат адвокатите, нотарите, фармацевтите, а болниците работат само со неопходен персонал. Затворени се бензинските пумпи, а штрајкуваат и таксистите.
Грчките новинари исто така се приклучија кон генералниот штрајк, но со цел настанот медиумски да биде покриен, новинарите својот протест го изразија вчера.