Двата најголеми грчки синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор за утре закажаа 24-часовен генерален штрајк во Грција што ќе ја парализира земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Синдикатите ќе одржат и протест во центарот на Атина, а штрајкот е против покачувањата на цените, сиромаштијата и нееднаквоста и со барање за зголемување на платите.
Поради генералниот штрајк, нема да функционира јавниот сектор. Во прекин, 24 часа ќе биде бродскиот и железничкиот сообраќај, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, метрото, трамвајот и тролејбусите нема да функционираат, единствено ќе сообраќаат автобусите, но само од 9 до 21 часот.
Во штрајкот учествуваат и контролорите на летање, што веројатно е дека ќе создаде проблеми во авио сообраќајот.
Протести, освен во Атина, се очекува да има и во другите грчки градови.
Извор: МИА