Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека е вистинско време да се инвестира во Западен Балкан и дека со тоа тие ја избираат Европа.
На прашањето од новинарите за повикот до инвеститорите да инвестираат во регионот, таа рече дека им кажува на инвеститорите дека сега е време да инвестираат во Западен Балкан и дека ако ги изберат тие земји, тие ја избираат Европа.
„Тоа е принципот на нашиот план за раст, бидејќи планот за раст ги отвора вратите кон секторите на единствениот пазар. Како Западен Балкан веќе да е земја-членка на Европската Унија. Ние го правиме ова со инвестирање во тие земји, а за возврат се спроведуваат реформи за да имаме единствен и фер пазар“, рече таа.
Таа додаде дека инвестициите претставуваат добра можност за земјите што веќе се во ЕУ, бидејќи пазарот се шири, но и за компаниите во Западен Балкан бидејќи им се отвораат вратите кон единствениот пазар на ЕУ, а како пример ги наведе инвестициите во вештачка интелигенција (ВИ).
„Во ЕУ имаме фабрики за вештачка интелигенција, односно компјутерски центри на високо ниво што ги отворивме за нашите стартап компании, а тие преземаат одредени модели, ги развиваат, користат податоци и ги користат можностите што ги нудат фабриките за вештачка интелигенција“, рече таа, нагласувајќи дека овие компании се шират и во земјите од Западен Балкан.
Таа најави дека една или две компании ќе се прошират и во Србија, додавајќи дека ќе можат да се основаат стартап компании кои ќе бидат обучени според примерите од ЕУ.
„Тоа е еден пример, а другиот е секако инвестирање во чиста технологија, декарбонизација, ветерни фарми, повеќе обновлива енергија и чисти технологии што се развиваат тука во Западен Балкан“, рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека има многу можности за инвеститорите кои го избираат Западен Балкан.
Фон дер Лајен претходно имаше средба со Вучиќ и пристигна во Белград синоќа, по официјалната посета на Босна и Херцеговина.
Фон дер Лајен последен пат беше во Белград кон крајот на октомври минатата година, како дел од нејзината годишна турнеја низ земјите од регионот.