Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Подгорица рече дека на Црна Гора „и треба дијалог за да напредува во владеењето на правото“, и оти е неопходно да се надминат поделбите во општеството.
– Потребен е политички дијалог во Црна Гора за да напредува во владеењето на правото, според привремени стандарди на европскиот пат. И мора да внимавате да нема назадување во постигнатото … Потребен ни е компромис, заштита на малцинствата, да спроведуваме мерки што ќе ја доближат Црна Гора до ЕУ, рече фон дер Лајен на прес-конференција во Подгорица, по разговорите со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
Фон дер Лајен е во посета на регионот и пред Подгорица, ги посети Тирана, Скопје и Приштина, а подоцна денеска патува за Белград.
Претседателката на Европската комисија негираше одредени медиумски наводи дека Брисел се откажал од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и рече дека нејзината посета е „експлицитна“ порака за европската перспектива на регионот.
– Мојата посета е исклучиво за европска перспектива, за да ве охрабрам. Доказот дека го сфаќаме ова сериозно е ревидирана методологија и голем инвестициски план. Нашата порака е јасна, ве сакаме во ЕУ, рече таа.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе работи заедно со земјите од регионот за закрепнување на економијата и додаде дека со заеднички напори треба да „повлечат уште 20 милиони заеми“ за регионот.
Таа најави дека ЕК ќе поддржи изградба на одредени делови од автопатот Бар-Бољаре и прецизира дека се работи за обиколница кај Подгорица.
Фон дер Лајен ги повика „партнерите“ на Западен Балкан да ги забрзаат активностите за воспоставување заеднички пазар.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ оцени дека „стабилноста на Западен Балкан е во искушение благодарение на упорната офанзива на геополитичките интереси, кои се спротивни на европската платформа, европскиот систем на вредности и единството“.
– Многу е важно што посетата се случува во време кога регионот поминува низ нови искушенија, кои го предизвикуваат сегашното ниво на стабилност на Западен Балкан, рече тој.
Фон дер Лајен се сретна и со премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.