Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во вторник оцени дека Софија треба „привремено“ да му исплати повеќе од 1,6 милиони евра на поранешниот бугарски крал Симеон Втори и неговата сестра кои се спречени во комерцијална употреба на шумско земјиште.
Бугарија „треба да им исплати на тужителите 1.635.875 евра материјална отштета“, се вели во соопштението на судот кој веќе ја осуди Софија за случајот во септември 2021 година.
Судот со седиште во Стразбур, каде тужбата ја поднесоа Симеон Борисов од Саксобург и Марија-Луиза Борисова Хробок, поранешната принцеза, тогаш едногласно одлучи дека Бугарија го прекршила нивното право на заштита на сопственост и правично судење.
Одлуката е донесена поради мораториумот за пренос и комерцијална употреба на вратениот имот, кој се однесува на шумско земјиште, кој беше воведен во 2009 година и се уште е во сила, велат од судот.
Целиот имот на кралското семејство преминал во рацете на државата во 1947 година, кога комунистите ја прогласиле Бугарија за република. Но, во 1998 година беше оценето дека овој пренос е против правото на сопственост, па поранешниот крал и неговата сестра побараа враќање на имотот.
Ова беше направено за поголемиот дел од имотот, но во тоа време беше воведен мораториум. Во својата прва одлука, судот го остави нерешено прашањето за правично обесштетување во очекување на договор меѓу двајцата тужители и бугарската држава.
Но, речиси две години по првата одлука донесена во 2021 година, случајот се уште е во тек пред бугарските судови, а ЕСЧП повторно пресуди во корист на поранешниот крал и неговата сестра и ја потврди нивната проценка за загубата со тоа што им додели „привремено“ повеќе од 1,6 милиони евра до завршување на случајот во Бугарија.