Европска иднина на БиХ, пред и по поплавите

Од:

Ако во Босна и Херцеговина по некое чудо сепак се искористи оваа тешка криза за општествени промени, во контекст на европските интеграции прво што треба да се менува би било токму јавниот дискурс за европската иднина на Босна и Херцеговина.

Иако европската иднина на БиХ сега се чини уште подалечна, поплавите не го запреа процесот на евроинтеграциите во БиХ, напротив. Од Дирекцијата за европски интеграции на БиХ велат дека контактите со претставниците на ЕУ во БиХ сега се уште поинтензивни. Меѓутоа, нашите општествени приоритети, како и приоритетите на Европската унија во однос на БиХ, многу се променија. Штетите од поплавите БиХ ја уназадија економски, враќајќи не во времето кога зависевме од меѓународната хуманитарна помош, па и активностите на ЕУ се фокусирани на пружање на финансиска помош и други видови на поддршка на БиХ во санирање на последиците од поплавите.

– Контактите со ЕУ и нејзината делегација во БиХ се интензивирани, пред се за согледување на кои начини ЕУ може да помогне во санирање на штетите настанати од поплавите – велат од Дирекцијата за европски интеграции.

Исто така, со оглед дека носителите на политичките одлуки моментално се занимаваат со последиците од поплавите и со преземање на потребни мерки во врска со тоа, услови за поднесување на барање за членство (имплементацијата на пресудата Сејдиќ-Финци и воспоставување на ефикасен механизам за координација) моментално не се приоритет во однос на ЕУ кон БиХ, вели за Бука Марина Каваз-Сирулиќ, портпарол на Дирекцијата за европски интеграции.

Меѓутоа, пред поплавите јавниот дискурс за европските интеграции не одеше многу подалеку од овие услови, кои ги поставува ЕУ, а кои лидерите на БиХ не успеваат да ги исполнат. Па и тогаш тие услови остануваа недоволно јасни за широката јавност. Фактот дека преговорите се одржуваа зад затворени врати не помогна на состојбата. На јавноста останаа непознати најголемите пречки кои го блокираат процесот.

Горан Жеравчиќ, директор на консултантската агенција Cronauer Consulting Group која пружа поддршка на процесот за проширување во ЕУ, вели дека погрешно е целата одговорност за застојот во приближувањето на ЕУ да се припишува само на лидерите на БиХ. Таквиот пристап, смета тој, го стеснува прашањето на европските интеграции само на политички аспект и ги аболира сите други општествени субјекти од нивната одговорност за процесот на европските интеграции.

– Имено, се уште никој не поставил прашање за одговорност на академската заедница (интелектуалната елита) или медиумите што не постои соодветен јавен дијалог или што разговорите за европските интеграции ги водат зад затворени врати. Европските интеграции се процес, а не состојба и погрешно би било да се сведе само на исполнување на одредени услови и на претпристапните преговори.

Жеравиќ потенцира дека се работи за процес на промени во општествените парадигми, што бара активна улога на сите граѓани на оваа земја.

– Не е доволно само да се усвои некоја регулатива и одредени стандарди во заштита на околината, додека ние продолжуваме да фрламе смет и да загадуваме се околу себе. Политичката елита е само еден, можеби најзначаен, но се уште само едно тркало во целиот систем кој се нарекува европски интеграции.

Процесот на пристапување во ЕУ е технички процес, вели Жеравиќ, но во својата суштина процесот на европски интеграции пред се е процес за прифаќање на основните европски вредности и усогласување со нашиот политички, правен, стопански и општествен систем со тие вредности и стандарди.

Овој процес не престана и поплавите директно не влијаеа на основните столбови на процесот на европските интеграции, вели за Бука Енди МекГефи, портпарол на Делегацијата на ЕУ и Специјален претставник на ЕУ во БиХ.

– Поплавите вклучија дополнителни ставки во дневниот ред и тоа може да предизвика некои доцнења, но целокупниот процес продолжува – велат од Делегацијата на ЕУ и потенцираат дека штетата настаната од поплавите само дополнително ја истакна потребата за добро раководење и максимална ефикасност во БиХ.

Меѓутоа, клучно прашање е дали тешката криза во каква моментално се наоѓа БиХ, ќе изроди нешто добро.

Примерите на многу европски земји по Втората светска војна, но и по кризата во текот на 80-тите и 90-тите години се доказ дека е можно да се врати стабилноста и да зајакне економијата погодена од тешка криза. Дури, во случај на нордиските земји, експертите велат дека била потребна токму длабока криза за да се покренат неопходни реформи, да го обноват и модернизираат стопанството.

Пред катастрофата која не погоди, спроведувањето на неопходните реформи во БиХ течеше бавно и неволно.

Како клучни причини кои го блокираа напредокот на БиХ во европските интеграции, Горан Жеравиќ од агенцијата Cronauer Consulting Group, меѓу другото го наведе и фактот дека две третини од БДП на БиХ доаѓа од јавните институции или јавните компании кои имаат монополен повластен статус и како такви, стопанството на БиХ нема потреба за понатамошна либерализација и понатамошно јакнење на конкуренцијата.

– За да се спречи идниот процес на стопанската либерализација и да се прилагоди деловниот амбиент со тој што постои во ЕУ, сеуште ни се нуди некаква приказна за квазинационален интерес каде некој ќе дојде ефтино да ги собира нашите природни богатства и да не претвори во некакви должнички робови. Се додека политичката олигархија без било каква стручна и општествена легитимација се во можност, освен јавните средства директно по пат на управни одбори да управуваат со стопанските текови, а со тоа и со паричните текови, нема да има потреба за какви било  структурни промени.

Единствено, смета Жеравиќ, медиумите и народот и понатаму ќе се занимаваат околу персоналните решенија, т.е. дали со паричните текови јавните или стопанските, ќе управуваат еднакво корумпирани и некомпетентни Суљо, Перо или Марко.

– Ни синдикатите премногу не се заинтересирани за структурни промени бидејќи на видело би излегла целата наша нестручност и неработење и многу брзо би се видело колку ние самите се лажеме уверувајќи се дека имаме образувана, а евтина работна сила – смета Жеравиќ.

Клучните општествени причини за застој во процесот на европските интеграции, вели Жеравиќ, лежат во еден вид на пакт меѓу етно-политичките елити и населението ненавикнато на пазарни услови за живот и работа.

– Тој канцероген пакт ја легитимизира корупцијата и некомпетентното политичко лидерство, а за возврат целиот јавен сектор се претвори во квазипрограма на социјално згрижување на непазарно ориентиран полк. Притоа, сеуште огромни средства се делат на име на различни социјални давања и помош, а најмал дел завршува во рацете на тие кои социјално и економски се најзагрозени.

Секоја структурна реформа, категоричен е Жеравиќ, подразбира прекин со овој паразитски општествен концепт, кој упорно се храни со квазинационални интереси и квазинационална чувствителност и кој очекува од ЕУ и ММФ да продолжат да го финансираат.

За општествените причини за застојот во европските интеграции Жеравиќ ги додава и целосно неквалификуваната бирократија, отсуството на соодветен социјален капитал и релевантната т.н. интелигенција.

– И оние навистина малку стручни и независни интелектуалци целосно се маргинализирани од медиумскиот популизам и трката на медиумските куќи да ја зголемат својата гледаност и профитабилност задоволувајќи ги најниските страсти на босанското пучанство низ реалити програми и мексикански и турски сапуници. Истовремено, кај бирократскиот апарат во БиХ се уште доминира социјалистичкиот менталитет и застареното разбирање на јавната администрација, што идеално се вклопува во целосната слика. Секоја структурна промена во јавната администрација ќе бара промена барем на 50 отсто на тие кои денес работат во јавната администрација, што е сосема доволно да се блокира каква било  реформа во тој сегмент.

На крај останува само ЕУ да сака БиХ да се трансформира во модерна и напредна држава, која би нашла свое место во заедницата на европските држави, заклучува Жеравиќ.

Дека опструкцијата на процесот на европските интеграции не доаѓа само од политичарите, ќе докажат и следните избори, смета тој.

– Ниту ќе се појави кој било кандидат, ниту кој било  од кандидатите ќе бара програма за структурни реформи во БиХ кои се прашање на сите прашања на европските интеграции во БиХ. Единствено што било кој ќе бара од кандидатите за најзначајните политички функции во оваа земја е да обезбедат зачувување на постоечкиот општествен пакт, т.е. промени во персонификацијата на привилегираните структури внатре во постоечкиот систем – песимист е Жеравиќ.

Поранешниот шеф на американскиот претседател Барак Обама, Рахам Емануел рече: – Никогаш не дозволувајте добра криза да остане неискористена.

Ако БиХ по некое чудо сепак ја искористи оваа тешка криза за општествени промени, прво што во контекст на европските интеграции треба да го менува би бил токму јавниот дискурс за европската иднина на Босна и Херцеговина.

Како што процесот на европските интеграции запре некаде кај исполнувањето на условите кои ги постави ЕУ, така ни јавниот дискурс не отиде подалеку од тоа. Последица од тоа би било недостиг на информирана јавна дебата со релевантни аргументи за и против, кога е во прашање приклучувањето во ЕУ. Многу малку се зборуваше за тоа кој навистина ќе има корист од приклучувањето на БиХ во ЕУ. За тоа што граѓаните на БиХ евентуално ќе изгубат со влезот во ЕУ, се зборуваше само на ниво на митологија и теории на заговори.

Корист од влезот на БиХ во ЕУ, смета Жеравиќ, ќе имаат сите тие кои имаат одредени знаења, вештини или производи кои ги бара глобалниот пазар.

– Сите тие кои сакаат да се изградуваат, да учат, работат или да ги унапредат своите знаења и вештини во еден среден систем ќе добијат своја поддршка и со време исто така ќе почувствуваат многу видливи бенефиции од европските интеграции.

Меѓутоа, од друга страна, тие кои не сакаат да ги прифатат современите глобални стопански и општествени трендови и кои не сакаат да прифатат дека резултатите се единствена мерка за успех и извор на благосостојба, сигурно нема да се соочуваат со проблеми. За нив процесот на ЕУ интеграциите никогаш нема да биде привлечен, смета Жеравиќ.

Жеравиќ потенцира дека ни во ЕУ не е се идеално, дека и таму има сиромаштија, дискриминација и корупција.

– Сигурно е дека и во ЕУ постојат сите болки на современите општества и дека сите земји не се еднакво развиени и влијателни, како и тоа дека сите граѓани на ЕУ немаат ист стандард.

Меѓутоа, се прашува Жеравиќ, што е алтернатива? – Алтернатива е ова каде е БиХ денес, или ако се продолжи понатаму според постоечкиот модел, алтернатива е идна изолација и уште поголема сиромаштија и незадоволство.

Бука – Сараево

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата никогаш нема да отстапи од членството во ЕУ, но без дополнителни понижувања и отстапки

Предраг Петровиќ

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1