Еврогрупата ќе расправа за грчкиот долг, Грција се надева на позитивен исход

Од:

Министрите за финансии од Еврозоната денеска ќе се обидат да постигнат рамковен договор за клучната помош за Грција и да ги надминат несогласувањата со Меѓународниот монетарен фонд за клучната цел – намалување на грчкиот долг.

Европски дипломати изјавија дека се блиску до постигнување договор, но не целосен, затоа што остануваат некои нерешени прашања кои можеби ќе мора да почекаат до други состаноци кои се закажани за декември.

Според други европски извори, има волја да се постигне политички договор, но финализирањето на целосен договор би можело да потрае уште неколку дена. Поради сето ова, постои можност министрите за финансии да имаат уште една средба пред крајот на ноември која најверојатно би се одржала телефонски.

Портпаролот на Европската комисија Сајмон О’Конор изјави дека се прават напори да се постигне „реално решение“, но функционери од владите на Германија, Финска и Холандија соопштија дека денеска не се очекува финална одлука.

Од друга страна, официјална Атина полага големи надежи во денешниот состанок. Извори блиски до премиерот Андонис Самарас изјавија дека ја очекуваат траншата од 31,5 милијарди евра до 5 декември, и други 13 милијарди во јануари.

По средбата со Самарас, лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос изјави дека Атина ги исполнила ветувањата кон „тројката“ и оти сега е ред на кредиторите да дејствуваат.

Би можело да ве интересира

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит

Силен земјотрес ја погоди Грција

Македонски државјанин загина во сообраќајна несреќа во Грција

Грчката крајбрежна стража пукала во брод со мигранти, загинал маж

Трагедија во Грција, 19-годишно момче го загуби животот во луна парк