Европската унија и САД се загрижени за ситуацијата на северот на Косово и ги повикуваат ривалските страни на деескалација на тензиите, се вели во заедничката изјава. Во соопштението, САД и ЕУ наведуваат дека работат со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти за изнаоѓање политичко решение.
„Ги повикуваме сите на максимална воздржаност, итно да преземат мерки за безусловна деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокации, закани и заплашувања“, се вели во соопштението.
„Ние работиме со претседателот Вучиќ и премиерот Курти на изнаоѓање политичко решение со цел да се смират тензиите и да се договориме за патот напред во интерес на стабилноста, безбедноста и благосостојбата на сите локални заедници. Ги поздравуваме уверувањата на раководството на Косово дека не постојат списоци на граѓани на косовските Срби кои ќе бидат уапсени или кривично гонети поради мирните протести/барикади“, се вели во заедничката изјава.
Се додава дека САД ќе ја поддржат работата на Европската Унија преку нејзината мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), а ЕУЛЕКС, во согласност со својот мандат, ќе продолжи внимателно да ги следи сите истраги и последователни постапки за промовирање на почитувањето на човечки права.
Како што е наведено, ова вклучува гаранции за правично судење, како и заштита и еднаков третман за припадниците на немнозинските заедници во Косово.
ЕУ и САД, исто така, очекуваат Белград и Приштина да се вратат на „негување на средина погодна за помирување, регионална стабилност и соработка во корист на нивните граѓани“ и нагласуваат дека сите обврски што произлегуваат од дијалогот мора целосно да се спроведат без одлагање.