Ескобар ги повика лидерите од регионот да се фокусираат на помирување

Од:

Специјалниот пратеник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар ги повика лидерите во регионот да се фокусираат на мултиетничкото помирување.

Тој рече и дека Отворен Балкан е позитивна иницијатива, но оти треба да ги вклучи сите земји, бидејќи практично не функционира без сите земји од регионот.

Во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка, Ескобар ги повика лидерите од регионот на помирување.

– Би рекол дека треба да се фокусираат на мултиетничко помирување, регионална економска интеграција, европски стандарди и создавање можности во рамките на Западен Балкан од кои корист ќе имаат сите луѓе. И мислам дека албанската Влада ова го започна со иницијативата Отворен Балкан, која ја сметаме за позитивна развој во регионот, така што гледам светла иднина за регионот. Ние сакаме да бидеме дел од овој процес и знам дека Европската унија го има истиот став, рече Ескобар.

Тој рече и дека не е можно Отворен Балкан да биде ефикасен без учество на сите земји од регионот.

– И ова е условот под кој го поддржуваме: прво, да ги исполниме берлинските стандарди поставени од Европската унија. И второ, да биде отворен за сите земји, бидејќи практично не функционира без сите земји. Цевководите и автопатиштата не можат да се прекинат. Не можете да имате зона за слободна трговија ако треба да застанете некаде на половина пат и да чекате во ред пет часа во камион. Затоа што, на крајот на краиштата, зона на слободна трговија значи дека е потребно да се имаат институции кои можат ефикасно да управуваат со стока и пари. Значи, се работи за два услови: отвореност за сите и следење на соодветни стандарди и институции. Тоа се условите на нашата поддршка за овој проект, заклучи Ескобар.

Тој изјави дека годината почнува со обновена енергија и нов акцент на функционирањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

– Наскоро ќе отпатувам во регионот, заедно со Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, за да ја истакнеме нашата поддршка за дијалогот и да ја покажеме нашата посветеност на функционирањето на дијалогот. Тоа е дијалог што го води Европската Унија, но ние силно го поддржуваме. И се надевам дека ќе напредуваме. Но, морам да кажам дека во тој поглед прашањето за Србија и Косово не се однесува само на САД и Европа, туку и на нашите колеги од регионот. Во таа насока, би рекол дека Албанија е многу корисна, рече Ескобар, нагласувајќи дека Тирана разговара со двете страни и ги поддржува САД во напорите за воспоставување стабилни односи меѓу Србија и Косово.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ