Турскиот претседател и лидер на владеjачката Партија на правдата и развојот (АКП) Реџеп Тајип Ердоган вети дека ќе нареди значителна промена во организацијата на партијата и нејзините окружни структури, затоа што според него тие страдаат од „тежок замор“, информира весникот „Хуриет дејли њуз“.
– Ние ќе ги разгледаме и ќе ги обновиме сите наши окружни организации во големите, помалите градови и села, затоа што постои тежок замор, што треба да го избегнеме. Ние треба да се подготвиме за изборите во 2019 година, со повеќе динамика и активни работни екипи, рече Ердоган денеска во својот прв говор пред парламентарната група на владеачката Партија на правдата и развојот по тригодишниот прекин.
Ердоган говореше од говорницата во својство на шеф на АКП, која на вонредниот конгрес на 21 мај го избра за свој лидер. Изборот за претседател на партијата стана можно во согласност со одлуката донесена на референдумот од 16 април 2017 година за уставни измени што на претседателот му дозволува да биде и партиски ангажиран.
Ердоган истакна дека АКП од своето создавање, во 2001 година, секогаш вложувала напори за обновување, за да се адаптира кон новите услови. Кога ќе погледнеме што сме направиле и низ што се сме минале од 2001 година наваму, го гледаме тоа: АКП беше таа која ја воведе демократијата, просперитетот и републиката во нејзината вистинска смисла , рече Ердоган.
Тој истакна дека АКП е демократска, републиканска, национална и конзервативна политичка партија, која, пред се, се фокусира врз „националната волја“.
Ердоган, исто така, подвлече дека АКП е револуционарна партија. Најсмелите, прогресивни, големи и најефикасни промени за прашањето за основните права и слободи во целата историја на републиката се спроведоа за време на владеењето на АКП, изјави претседателот.
Тој посочи дека од сите министри побарал да подготват 180-дневен план за активности до крајот на годината, за да може оваа програма да се примени до изборите во 2019 година, додавајќи дека АКП работи, исто така, на постигнување на целите за Турција за 2023 и 2035 година.