Турски војски би можеле да бидат искористени за да се формира зона на безбедност во Сирија ако за тоа има меѓународен договор за такво засолниште за бегалци, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во интервју за Хуриет Ердоган вели дека се водат разговори за да се одреди како и кои држави би можеле да учествуваат во воздушните напади и евентуална копнена операција и оти Турција е подготвена да биде дел од тие напори.
– Секоја држава ќе преземе одредени обврски. Каква и да е улогата на Турција, ние ќе ја извршиме, изјави тој додавајќи дека само воздушна операција не е доволна.
Според Ердоган, таква терористичка организација не може да биде ликвидирана само со воздушни удари туку е потребно ангажирање и на копнени сили.
Ердоган вели дека ако е потребно, Турција ќе ја заштитува границата и додаде дека неопходните чекори ќе бидат направени откако идната недела ќе биде даден мандат од парламентот на турската армија за извршување прекугранични операции.