Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека е одлучен Турција да ја направи глобален производствен и технолошки центар, јави агенцијата Анадолија. На свеченото отворање на технолошкиот центар МЕСС во Истанбул, Ердоган преку видеоконференција отвори уште 40 фабрики низ цела Турција.
– Се надеваме дека со овој центар, кој е реализиран со инвестиција од 200 милиони лири (23 милиони евра), ќе отвориме нова ера во областа на конкурентната технологија, каде што на годишно ниво ќе можеме да обезбедиме 400.000 часа бесплатна едукација за 40.000 луѓе, порача Ердоган, без да појасни кој е третиот континент на кој што мисли.
Турскиот лидер нагласи дека откако ќе се намалат последиците од пандемијата, Турција повторно ќе се врати кон забрзаниот напредок.
– Турција, која пред 18 години не можеше да направи чекор без ММФ, денес е 13-та земја во светот според паритетот на куповната моќ. Иако некои не го сакаат тоа, одлучни сме Турција, како средиште на три континенти, да ја претвориме во глобален производствен и технолошки центар, ја пренесува Анадолија изјавата на Ердоган.
Осврнувајќи се и на инвестицијата на 40 фабрики кои вчера беа свечено отворени, Ердоган и честита на секоја турска компанија што директно обезбедува вработување за 4.000 граѓани, „а индиректно доаѓа до повеќе десетици илјади наши граѓани“. Тој информира дека вкупната вредност на инвестицијата изнесува четири милијарди турски лири (460 милиони евра).