Ќе се борам против непријателите на Турција и во земјата и во странство, порача денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во обраќањето на Вонредниот конгрес на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во Анкара, на кој повторно беше избран за партиски лидер.
Ердоган поднесе оставка на местото лидер на АКП во 2014 година откако беше избран за претседател на Турција, бидејќи Уставот тогаш не доволуваше шефот на државата да извршува и партиски функции, но со уставните измени од април годинава таквото ограничување е укинато.
Со ова, по речиси 70 години, Ердоган стана првиот турски политичар кој во исто време е и претседател на државата и на политичка партија.
Тој нагласи дека ќе ја продолжи „својата борба против сите терористички организации“.
Ердоган додаде дека вонредната состојба во Турција, што беше воведена по неуспешен обид за воен преврат лани во јули, ќе остане во сила „се додека не биде постигнат мир во борбата на Турција“ против припадниците на бунтовничката Курдска работничка партија (ПКК) и против исламистичките борци.
По денешниот Конгрес, Ердоган по три години се враќа на чело на АКП со која раководеше од нејзиното формирање во 2001 година, па се до 2014-та.
На Конгресот беа усвоени и насоките за работа на АКП до следните избори во 2019 година и беше извршени измени во партискиот Статут, со кои, меѓу останатото, е воведена функцијата заменик-претседател на партијата, на која е избран досегашниот партиски лидер и актуелен премиер Бинали Јилдирим.
Со измените, иста така, во Статут на партијата е вклучено мотото „еден народ, едно знаме, една татковина, една држава“, кое симболично се изразува со подигната рака со исправени четири прста и свиткан палец. Ваквиот симболичен поздрав наречен „Рабија“, Ердоган почна зачестено да го користи по ланскиот несупешен воен преврат.