Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој се наоѓа во посета на Нигер, ги повика бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) да ја напуштат територијата на Турција, соопшти БТА.
-Ние веќе кажавме: кадрите на сепаратистичката организација (ПКК) треба да ја напуштат Турција. Како? Оставајќи го оружјето, посочи Ердоган пред новинарите.
Изјавата му беше емитувана од сите турски телевизиски канали.
-Ние ќе ја продолжиме нашата борба против ПКК, изјави уште Ердоган од Нигер.
Весникот „Радикал“ вчера напиша дека турската влада и лидерот на Курдската работничка партија (ПКК) Абдула Оџалан се спогодиле за рамката на планот за завршување на курдскиот конфликт во Турција.
Високо позиционирани припадници на турското разузнавање-МИТ имале серија средби со Оџалан на островот Имрала, каде се наоѓа затворот во кој бунтовничкиот лидер ја издржува доживотна казна. За време на преговорите се постигнала согласност за планот, составен од четири етапи, за завршување на кравиот конфликт.
Според информации на весникот „Радикал“, кој не ги посочува своите извори, првично се очекува на борците од ПКК да им биде дозволено да ја напуштат турската територија.
Се очекува и Оџалан да подготви четири писма, во кои тој ќе ги открие своите погледи за решение на курдското прашање. Писмата ќе бидат адресирани до Партијата за мир и демократија, до турската јавност, до командантите на ПКК во северен Ирак и Европа.
Се очекува да има барања за ослободување од затворите на илјадници луѓе, обвинети за врски со ПКК. Барањата на Оџалан се чини дека се ограничени, без инсистирање за независен Курдистан, федерација или „демократска автономија“, пишува „Радикал“.
Преговорите со Оџалан предизвикаа внимателен оптимизам во Турција, и покрај тоа што продолжуваат борбите меѓу армијата и ПКК.
Во понеделникот вечерта 14 курдски бунтовници и еден турски војник беа убиени при судир во југоисточна Турција.
Главната опозициска партија – Народнорепубликанската партија, го поддржа процесот за мирно решавање на курдскиот проблем.
На крајот на минатата недела премиерот Ердоган ја отфрли можноста за општа амнестија за борците од ПКК, како и варијантата Оџалан да биде ослободен од затворот и ставен под домашен притвор. Со тоа премиерот ги исцрта „црвените линии“ на Владата во преговорите со Оџалан.