Турција официјално не објави промена на својата политика кон бегалците, се наведува во денешното соопштение на Европска комисија.
ЕК истакнува и дека очекува Анкара да ги почитува обврските што ги презема за контрола на протокот на мигранти во Европска Унија. Турција се обврза да стави крај на нередовните миграциски текови од Турција кон ЕУ и да обезбеди подобри услови за прием за бегалците во Турција.
– Би сакал да истакнам дека немаше официјално соопштение од турската страна за какви било промени за барателите на азил, бегалците и мигрантската политика, истакна портпаролот на ЕУ.
Тој додаде дека тоа значи дека се уште е во сила договорот помеѓу Турција и ЕУ за мигрантите.
– Турските власти официјално потврдија дека нема промена во официјалната политика… очекуваме дека така и ќе остане, наведе портпаролот.
Реакцијата од ЕК уследи откако неименуван извор од турската Влада изјави дека нема да ги задржува бегалците кои сакаат од Турција да одат во земјите од ЕУ. Се проценува дека во Турција има околу четири милиони бегалци од војната во Сирија.