Информациите дека грчката Влада размислува за промени во законите за работни односи со кои на синдикатите ќе им се отежне организирањето штрајкови, го доведоа во прашање единството на грчката владејачка коалиција, јави дописникот на МИА од Атина.
Двата коалициски партнери ПАСОК и Демократската левица се спротивставија на информациите во неделното издание на „То Вима“ кое пишуваше дека министерот за труд Јанис Вруцис од Нова демократија сака да направи измени во законите со кои за организирање штрајк ќе мора да се има поддршка од мнозинството членови на синдикатот, а управителите ќе имаат право да отпушаат работници кои нема да се вратат на работа.
– Вруцис и другите министри кои се членови на Нова демокатија мора да сфатат дека не ги промовираат политиките на својата партија, туку програмата на коалициската Влада. Ништо не е договорено во врска со промените на законите и ние сме против секаква дискусија, изјави портпаролот на ПАСОК Фофи Ганимата.
Димитрис Цаѕисократис од Демократската левица изјави дека неговата партија не се согласува со промени во законите за работни односи што се однесуваат на правото на штрајк.
Сириза ја обвини Владата дека размислува за промени кои се „против интересите на работниците“.