Пратениците на Србија Данијела Грујиќ од Партијата за слобода и правда и Јанко Веселиновиќ од Движењето за пресврт треба да бидат прегледани во болница по неколкудневен штрајк со глад.
За потсетување, со глад штрајкуваат и Мариника Тепиќ, која прва го стори тоа на 18 декември, како и Јелена Милошевиќ, Бранко Миљуш и Душан Никезиќ. На тој чекор се решиле поради, како што велат, изборна кражба и бројни нерегуларности, пишува Нова.рс.
Данијела Грујиќ започна штрајк со глад на 21 декември, а Јанко Веселиновиќ два дена подоцна. Веселиновиќ рече дека сите параметри на неговата крвна слика се во сериозно опаѓање и дека неговата состојба нагло се влошила, иако примил инфузија.
„Вчера имав висок крвен притисок. Побарав да останам барем до утре, но докторот инсистираше да дојдам вечерва во болница. Ќе видам какви се неговите препораки, но засега ќе продолжам со штрајкот“, рече тој.
Данијела Грујиќ наведува дека лекарите ја советувале веднаш да оди во болница.
„Лекарите денеска експлицитно нагласија дека морам да одам во болница бидејќи може да дојде до нагло влошување на моето здравје“, рече таа.
„Искрено не би сакала да го прекинам штрајкот и би сакала да останам со моите драги колеги, но ние функционираме како тим и решивме да го слушаме докторот“, додава таа.