Регионалната соработка во Југоисточна Европа е водечкиот надворешно-политички приоритет на Бугарија, изјави нивниот технички премиер Гулаб Донев во својот говор на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлинскиот процес, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Донев, ова го надополнува и го надградува процесот на европска интеграција, ја поддржува демократизацијата и развојот и ја зајакнува стабилноста и безбедноста на регионот.
Бугарскиот премиер изјави дека неговата земја е посветена и активно работи со земјите од регионот за нивна успешна европска интеграција, врз основа на нивните сопствени заслуги.
-Проблемите поврзани со енергетската безбедност со кои се соочува секој може да се надминат, а енергетската транзиција може да се постигне само преку засилена регионална соработка, изјави Донев на работната сесија на тема „Безбедност на енергетските испораки и трансформација“.
Бугарскиот премиер ја истакна клучната улога на меѓусистемската гасна врска меѓу Грција и Бугарија за диверзификација на изворите на гас, за подобрување на безбедноста и флексибилноста на испораките, како и за промовирање на конкуренцијата во корист на крајниот корисник.
Донев укажа и на напредокот во изградбата на гасната врска меѓу Бугарија и Србија, која, исто така, е од стратешко значење.
Тој во својот говор го претстави и договорот потпишан меѓу „Булгартрансгаз“ и државната компанија на Република Северна Македонија „ГА-МА“ за изградба на нов интерконектор меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Донев зборуваше и за напорите на Бугарија да обезбеди институционална поддршка на Северна Македонија за надминување на енергетскиот дефицит, потсетувајќи дека Бугарија традиционално е нето-извозник на електрична енергија и игра клучна улога во енергетската безбедност на земјите од регионот.
Извор: МИА