Државниот секретар на САД Џон Кери не понудил на кипарските власти договор за спас на земјата од банкрот и преговори со Никозија за тоа прашање нема, истакна анонимен висок претставник на Стејт департментот.
Според анонимниот претставник не постои никаков таен договор со Кери и преговори за можна финансиска помош на Кипар не се водат.
Кипарската телевизија „Сигма“, претходно објави дека Џон Кери во телефонски разговор со министерот за финансии Михалис Сарис предложил помош за спас на водечките банки во земјата. Во замена за тоа САД побарале воведување на 15 процентен данок врз сите странски депозити, што ќе претставува силен удар врз руските интереси во земјата, како и контролата врз наоѓалиштата на гас во економската зона на Кипар во Средоземното Море, јави телевизијата, повикувајќи се на извори од опкружувањето на министерот Сарис.
Министерот за финансии на Кипар Михалис Сарис од 19 март е во посета на Москва, каде води преговори со руското раководство за можноста од доделување итна антикризна помош на Кипар. Според кипарските медиуми станува збор за доделување на нов кредит или пакет инвестиции во вредност од 5,6 милијарди евра и олеснување на условите на антикризниот заем во висина од 2,5 милијарди евра, што беше доделен на Кипар од Русија во 2011 година.