Директорот на српската полиција Милорад Вељовиќ предложил да биде сменет началникот на Жандармеријата Братислав Дикиќ, во врска со апсењето на припадник на жандармеријата, осомничен за двојно убиство, јави Танјуг.
– Очекувам целосна поддршка од министерот за внатрешни работи да го решиме ова прашање уште денеска, инаку ќе имаме уште проблеми. Полицијата треба да биде фактор на стабилност и да има доверба на народот, рече Вељовиќ на прес-конференција.
Убиството, според Вељовиќ, „била капката која ја прелеала чашата“, и патоказ на другите старешини дека мораат да водат сметка што се случува во нивните единици а не да се занимаваат со кадровски прашања.
– Ова е нешто што не смее никогаш да се повтори. Ниту еден поединец не смее да биде над системот и државата, никој не може себеси да си дозволи да функционира надвор од системот на Дирекцијата на полицијата ако е во тој систем, рече Вељовиќ.
Директорот на полицијата изрази сочувство на блиските на убиените, истакнувајќи дека убиецот е „изрод“, а не припадник на полицијата или жандармеријата.
Српските медиуми соопштија дека приведениот припадник на жандармеријата е осомничен дека убил и потоа запалил двајца млади, кои вчера биле откриени во опожарен автомобил „ауди“, во село во близина на Јагодина.
Вељовиќ рече дека осомничениот е 33-годишен припадник на жандармеријата Александар Крстиќ од Краљево. Полицијата утврдила дека тој на еден од убиените му должел 5.000 евра.