Државата има намера привремено да влезe во сопственоста на одделни приватни мали и средни претпријатија кои имаат добар извозен производ, најави српскиот министер за економија и финансии Млаѓан Динкиќ.
Според Динкиќ, за таа намена од буџетот ќе бидат првично доделени една милијарда динари, пренесоа српските медиуми.
„Србија има потреба од нова економска политика и таа повеќе не може да се заснова исклучиво на приватизацијата или ошекувањата за странски директни инвестиции”, рече тој во интервју за Вечерњи Новости.
Тој посочува дека е неопходно државата да стане поактивна во помагање на компаниите, особено оние кои имаат шанса за извоз, истакна Министерот кој додава програмата во моментов се разработува, а во следните неколку месеци ќе биде во функција.
На прашањето дали тоа значи дека Владата планира да се откаже од приватизацијата, Динкиќ вели дека не се откажува, но наведува и дека не смее да се дозволи капацитетите да пропаѓаат, работниците да ги губат своите работни места и само да се чека да дојдат инвеститори.
„Тука, пред сè, мислам на компаниите кои сега се во фаза на реструктуирањето, а кои имаат шанса не само да преживеат,туку и да бидат успешни во нивните сектори. Сега ако нема инвеститори, државата е онаа која треба да им помогне да купат машини, да оги бноват халите, осмислат програми и да се најдеат купувачи за нивното производство, посебно кога станува збор за извоз”, рече Динкиќ.
Оваа ко-сопственост на државата во таквите фирми, рече тој, ќе биде привремена, само додека сопственикот или друг инвеститор не сака целосно да ја откупи.
„Идејата е преку јавен повик заинтересираните фирми сами да побараат помош од вакавата програма. Услов е секако сериозна инвестициона програма која вклучува создавање на нови работни места и извоз, а техничката работа ќе ја заврши Агенцијата за осигурување и финансирање на извозот”, објасни Динкиќ.