Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас изрази намера лично тој да ја придружува хуманитарната помош што ќе биде испратена во украинскиот град Мариупол, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас денеска се сретна со генералниот конзул на Грција во Мариупол Манолис Андрулакис, кој беше успешно евакуиран од украинскиот град, а по средбата, шефот на грчката дипломатија рече „за жал, војната во Украина продолжува со несмалено темпо“, а приоритет на Владата е „заштитата на грчката заедница и на цивилното население“ и затоа донел две одлуки.
Првата е формирање тим за координација и прием во Букурешт, а втората олеснување на испраќањето хуманитарна помош во Мариупол.
-Со испраќање официјална нота до украинската страна барам олеснување и до руската страна, со друга нота да не го попречува испраќањето хуманитарна помош во Мариупол. Имам намера лично да ја придружувам оваа помош во координација со претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, г-дин Маурер, со кого веќе сме во контакт, рече Дендиас.
Министерот за надворешни работи на Грција му се заблагодари на генералниот конзул на Грција во Мариупол Манолис Андрулакис и му честиташе во името на Владата и на премиерот Мицотакис за начинот на кој ја вршеше неговата должност.
-Тој, како што знаете, е последниот европски дипломат, последниот дипломат, кој го напушти Мариупол под крајно неповолни услови, рече Дендиас по средбата со Андрулакис.
Дополнително, им се заблагодари и на амбасадорот во Киев Франкискос Костеленос и на генералниот конзул во Одеса Димитрис Дохитис, кои заедно со Андрулакис успешно завршија шест операции на евакуација.
Преку Твитер, Дендиас соопшти дека по консултација со Мицотакис ќе предложи тројцата дипломати да бидат одликувани за заслугите, нешто што веќе го прифатила грчката претседателка.
Извор: МИА