Европската перспектива на земјите од регионот, беше една од темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на Грција и Србија, Никос Дендиас и Ивица Дачиќ на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија, во писмената изјава по средбата, вели дека ја изразил поддршката за членството на Белград во Европската унија, како дел од политиката на Атина за целиот регион.
-Цврста цел на грчката надворешна политика е интеграција на земјите од Западен Балкан во европското семејство. Членството во ЕУ ќе ги обезбеди потребните услови за создавање простор на мир, стабилност и безбедност, без надворешни интервенции кои функционираат дестабилизирачки за регионот. А Србија, има направено значајни чекори во насока на членството во ЕУ, вели Дендиас.
Во однос на дијалогот Белград – Приштина, шефот на грчката дипломатија повторил дека позицијата на Грција за статусот на Косово останува непроменета, „сѐ додека не се постигне конечен договор“, а со Дачиќ разговарале и за билатералните односи и за пандемијата.
Дендиас во писмената изјава вели дека на средбата со неговиот српски колега се осврнал и на случувањата во Источниот Медитеран, на однесувањето на Турција, а го споменал и договорот на Грција со Италија за разграничување на ексклузивната економска зона, потпишан во вторникот.