Претседателот на турската прокурдска Демократска партија на народите (ДПН) Селахатин Демирташ изјави денеска дека Турција треба да размисли околу можноста за и испраќа оружје на Курдската работничка партија (ПКК) во борбата против групацијата „Исламска држава“.
– ПКК се бори против „Исламска држава“. Турција треба да размисли што ќе стори, доколку ПКК побара оружје. Зошто да не биде испратено оружје, доколку се има предвид дека во моментов продолжува процесот на мирно решавање на курдското прашање, рече Демирташ.
– Можеби звучи чудно, но зошто да не биде испратено оружје за ПКК, доколку со постигнувањето на мир ПКК престане да го користи оружјето против Турција, а се бори против „Исламска држава“, додаде лидерот на ДПН.
ПКК е прогласена за терористичка организација од Турција и Европската унија. Десетици илјади лица загинаа од почетокот на борбата на ПКК во 1984 година за курдската автономија во југоисточна Турција. Кон крајот на 2012 година турските власти почнаа преговори за мирно решавање на курдскиот конфликт со лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, кој отслужува затворска казна.