Ако Багдад сака да користи сила треба тоа да го направи против Исламска држава, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу откако ирачкиот министер за надворешни работи вчера се закани со можни воени дејствија заради турските војници распоредени во северен Ирак.
Во интервју за НТВ, Давутоглу призна дека имало „лоша комуникација“, во врска со распоредување на турските војници.
Тој додаде дека Анкара го почитува ирачкиот суверенитет, но вели дека Багдад не контролира една третина од својата територија.
Шефот на ирачката дипломатија Ибрахим ал Џафар повторно ја повика вчера Турција да ги повлече своите војници од северниот дел на Ирак и ја предупреди Анкара дека во спротивен случај Багдад би можел воено да одговори.
Спорот меѓу Турција и Ирак е од почетокот на месецот, откако беа распоредени турски војници во базата Башика, Северен Ирак. Турските војници помагаат во обуката на сунитските и курдските борци кои војуваат против Исламска држава.
– Ако не биде постигнато решение и ако бидеме принудени на судир, ќе помислам како да го заштитам нашиот суверенитет, посочи Џафар.