Дали се исплатеше независноста?

Од:

Дојче веле – Берлин

Дваесет и пет години откако Словенија и Хрватска прогласија независност, поранешните функционери на тие земји веруваат дека самостојноста се исплатеше. Но, и денес во овие членки на ЕУ и НАТО се видливи старите идеолошки битки и реваншизам.

– Независноста во секој случај се исплатеше, на тоа можеме да бидеме горди, вели поранешната премиерка на Хрватска Јадранка Косор по повод 25 години од независноста на нејзината земја.

– Во секој случај се исплатеше, подеднакво е сигурен и првиот претседател на независна Словенија, Милан Кучан, за кого најважен аргумент е тоа што Словенија од тогаш може да одлучува за својата судбина.

Последниот југословенски, а потоа и хрватски претседател Стјепан Месиќ тврди дека распадот на Југославија по прогласувањето на независноста на Словенија и Хрватска, бил можен и без насилствата во Босна и Херцеговина.

Сепак, во БиХ животот го загубија 100.000 луѓе, а стотици илјади беа протерани.
Тој уште во 1991 година предложи сите републики на поранешна Југославија веднаш да прогласат независност и да основаат конфедерација на пробно време, од три до пет години, објаснува Месиќ во разговор за ДПА.

Месиќ вели дека неговиот предлог пропаднал бидејќи го спречил Слободан Милошевиќ, чија цел, како што тврди, била „на урнатините на Југославија да се создаде Голема Србија‟.
Според него, Милошевиќ своите сонародници во српските делови на Хрватска и БиХ ги поттикнал на војна и со тоа предизвикал големо крвопролевање.

Словенија и Хрватска во меѓувреме се членки на ЕУ и НАТО. Во Хрватска, најголемата партија ХДЗ поттикнува на враќање на прастарите идеолошки битки, а нејзината политичка десница повторно кокетира со фашистичката хрватска држава од Втората светска војна.

Социјалдемократската опозиција во очите на ХДЗ ги претставува децата на комунизмот.

И во Словенија се отвараат старите фронтови. Лидерот на опозицијата Јанез Јанша, кој пред 25 години беше прв министер за одбрана на независна Словенија, штотуку покрена судска постапка против својот најголем соперник Кучан, обвинувајќи го за „велепредавство‟.

– Неговиот концепт сепак е само реваншизам, вели Кучан. – Пред 25 години владееше големо единство меѓу политичарите и граѓаните за остварување на незавиноста, додава Кучан.
Тој вели дека конфронтацијата со комунизмот кој повеќе не постои, го блокира погледот во иднината, што е „поедноставно отколку да се понуди визија за иднината‟.

Во тој судир меѓу левицата и десницата во Словенија, кој постојано се повторува, станува збор и за нивната улога во Втората светска војна.

Граѓаните на Словенија се уморни од тие јалови дискусии, па според истражувањето на јавното мнение, се зголемил бројот на тие кои чувствуваат ненаклонетост кон политичарите и кои се речиси 70 отсто.

Би можело да ве интересира

Авион мораше итно да слета, патниците врескале: екипажот пријавил необично животно во моторот

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Маск објави видео: „Русија и САД се поблиску отколку што многумина мислат“

Трамп воведува царини од 20 отсто за увоз од ЕУ, 25 отсто за сите возила

Предраг Петровиќ

Белата куќа веста за заминувањето на Илон Маск од функцијата ја нарече „ѓубре“

Предраг Петровиќ

Дефинитивно крај за УСАИД: „Готово е, благодарение на претседателот Трамп“

(ВИДЕО) Уживаа во базенот на покривот од зградата, а потоа наеднаш бранови: Паника за време на земјотресот во Бангкок

Предраг Петровиќ