Дали ЕУ мора да ја менува стратегијата во БиХ?

Од:

Корумпирана политичка елита, застој во реформите, катастрофалните последици од поплавите, ова се некои од причините што во една од комисиите на Бундестагот се расправеше за состојбата во БиХ.

Се заговара и промена на стратегијата кон БиХ.
– Политичката елита во БиХ е корумпирана и не е подготвена на консензус кој би донел напредок на сите народи во БиХ – можеше да се слушне на почетокот на седницата на Комисијата во Бундестагот за превенции на кризи и надминување на конфликти. Седницата на оваа комисија целосно била посветена на состојбата во БиХ, која драстично се влоши од последиците од катастрофалните поплави.

Претставникот на германското Министерство за надворешни работи Ханс Улрих Шодбек, сепак истакнал дека БиХ не е пропадната држава. Војната е завршена, постојат државни органи, полиција и заедничка војска. Посебно војската во текот на поплавите покажа дека може да делува во интерес на граѓаните од сите националности.

И Шодбек, но и Мајкл Руп кој на седницата присуствувал во име на Европската комисија, потенцираа дека во БиХ на дело е целосен застој во реформите, што е последица од неспособноста на политичарите во БиХ да постигнат договор.
Со кого во правец на ЕУ?

– Тогаш како можеме да ја продолжиме соработката со тие политичари кои одлично функционираат, кога се делат на интересни сфери внатре во земјата, но не функционираат кога треба да усвојат одлуки кои би донеле напредок на сите граѓани на БиХ? – праша пратеникот на Бундестагот Јосип Јуратовиќ.

За него посебно иритира тоа што ЕУ во своето делување во БиХ заборавила на застапувањето на сопствените вредности кои ги заговара: – Каде е ЕУ кога треба да се поддржат тие сили кои не се искажуваат како националисти?

ЕУ во изминатите речиси 20 години тргува со своите вредности соработувајќи со корумпираната политичка елита, а народите во БиХ се дезориентирани бидејќи во ЕУ не гледаат пример и излез од кризата. Шро се однесува до народот во БиХ, тој во поплавите со меѓусебна солидарност покажа дека не е проблемот во него. На политичарите во БиХ едноставно им е премногу добро за да се впуштат во поголеми реформи.

На него се придружи и пратеничката Еделгард Булман која се заложи за тоа ЕУ да состави црна листа на корумпирани политичари во БиХ: – Народот мора да види дека корупцијата не се исплатува.

Итно е потребен нов устав

На БиХ итно и треба нов устав кој ќе ја поедностави државната структура, да ја намали бирократијата и да донесе функционална структура на власта. Овој заклучок го поддржаа сите, но мислењата се разидоа кога се покрена прашањето: – Како да се дојде до реформи на уставот?

За Судбек и Руп, како претставници на владата во Берлин и Европската комисија кои директно се вмешани во преговорите со властите во БиХ и понатаму нема друг пат освен соработка со легитимно избраните политичари. – Распакувањето на Дејтонскиот устав, од страна на меѓународната заедница тешко може успешно да заврши бидејќи тој процес ќе ја блокира Русија.

Поради тоа во министерството за надворешни работи во Берлин сметаат дека напредок не би донело ни идејата која ја застапуваат некои британски дипломати, а која гласи: – Да се сруши се и да се направи државна структура од нула.

За Јуратовиќ излез претставува зеднички предлог за нов устав кој би го составиле меѓународни експерти и експерти од самата БиХ и го поздравува можниот ангажман на Венецијанската комисија по тоа прашање.

Застапничката на зелените Марилуис Бек, зборувајќи за поедноставување на бирократскиот апарат предупреди дека – никој од преку 100 министерства нема сам себе да си го укине местото ниту привилегиите.

– Па и ние, кога донесувавме заклучоци за реформи на Бундестагот, реформите ги донесовме така да стапат на сила дури за два мандата, значи за осум години. Ни ние не бевме подготвени да си ги одземеме фотељите, а не пак политичарите во БиХ. И таа смета дека треба да се изврши скрининг на она што е направено во БиХ, пред се на полето на борбата против корупцијата.

Кој ги отстрани доказите против Додик

Во таа смисла посебно се истакнува прекинатата истрага за корупција против претседателот на РС Милорад Додик, која ја покренаа меѓународните судии во БиХ. Потоа Додик најави референдум за независност на РС. Мисијата на ЕУ во Сараево потоа склучи договор со него. Откажувањето од референдумот Додик го наплати со тоа што се намали бројот на меѓународните судии, а сандуците полни со докази за корупција се префрлија во Бањалука.
Потоа истрагата против Додик беше прекината, тврди Бек.

Поплавите само ја влошија состојбата

– Со цел респект, сметам дека 5 милиони евра германска помош по катастрофалните поплави во БиХ се многу малку – додаде оваа пратеничка на зелените која штотуку се врати од посета на БиХ. – Добој е град чие приземје целосно е збришано од земјата. Тоа значи дека не само што се уништени становите на пониските спратови, туку и продавниците, па и многу погони и посеви – значи се што значеше егзистенција на луѓето.
Катастрофалните поплави воедно се и прилика за нов пристап на меѓународната заедница во БиХ, смета Ханс Улрих Судбек. Во врска со тоа е и иницијативата на ЕУ Compact for Growth, која во текот на неодамнешната посета на Сараево ја поддржа и германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Стајнмаер.

Целта на владата во Берлин, но и на ЕУ е да направи план за стопанско јакнење на БиХ кој би бил финансиски поддржан од страна на меѓународната заедница. Судбек истовремено истакна дека е прерано веќе во следните неколку дена да се одржи донаторска конференција за БиХ, што беше намера на власта во Сараево. Приоритет во овој момент претставува процесот за проценка на штетата од поплавите, за што ЕУ во соработка со ОН и Светска банка веќе испрати свои експерти на теренот. Се верува дека стопанското зајакнување би продонело за поголема подготвеност и на политичарите и на народот да се спроведат политичките реформи.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата никогаш нема да отстапи од членството во ЕУ, но без дополнителни понижувања и отстапки

Предраг Петровиќ

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1