Украинската криза ќе остане во центар на вниманието на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и во 2015 година, изјави денеска во Базел српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој од 1 јануари ја презема функцијата претседавач на ОБСЕ.
– Главен приоритет во нашата работа ќе биде да се продолжи со разгледувањето на кризата во Украина, на начин со кој ќе се помогне за мирно решавање. Ние планираме да соработуваме со главните актери и да работиме за наоѓање мирно решение на кризата, истакна Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија изрази надеж дека политичките иницијативи на високо ниво и напорите на меѓународната контакт група за Украина ќе придонесат за „постигнување пресврт“.
Од 1 јануари следната година Србија ќе го преземе од Швајцарија претседателството на ОБСЕ.