Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека Србите од Косово ќе бидат вклучени во преговарачкиот процес меѓу Белград и Приштина, во преговарачките тимови и експертските групи, така што директно ќе работат по спорните прашања, како што е царината и регистарските таблици.
– Со договорот за заедничко управување на административните пунктови се испочитувани сите барања на Србите од Косово и затоа нема причина за протести, истакна Дачиќ во интервју за „Вечерње новости“ по третиот круг од политичкиот дијалог со косовскиот премиер Хашим Тачи.
– Нема причина за какви и да било протести и оспорувања. Врз основа на разговорите со претставници на Србите од северно Косово побарав гаранции во Брисел. Нивните барања се исполнети и затоа нема никакви причини за каков и да било отпор.
Српскиот премиер истакна дека во Брисел било договорено заедничко управување да се воведе во четири гранични пункта Јариње, Брњак, Мердаре и Кончул. Тоа ќе стапи во сила до крајот на годината.