Српскиот премиер Ивица Дачиќ, по четвртата рунда преговори во Брисел, изјави дека не е точно дека за време на разговорите е започнато „демонтирање“ на српските институции на Косово, бидејќи според него тоа е суштинско прашање кое не може да се договори за една ноќ.
– Решението се наоѓа во формирањето нови институции во северниот дел кои ќе бидат прифатливи и за Приштина и за косовските Срби. Не ни е интерес да ги форсираме институциите од Белград, но мора да се знае какви институции че имаат Србите. Тоа секако ќе бидат институции на српскиот народ, истакна Дачиќ.
Истовремено, косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека за внатрешното уредување на Косово нема да разговара со Србија.
– Ќе го почитувам Уставот на својата земја, а на српската заедница на Косово и ги нудам највисоките европски права, нагласи Тачи, додавајќи дека прашањето за Северно Косово нема да се условува со место во ОН.
– Нема да има поделба на Косово, истакна Тачи, наведувајќи дека „Косово ништо не му должи на Белград“.
Косовскиот премиер смета дека создавањето посебен фонд за развој на северниот дел на Косово, со кој ќе управува косовската Влада, српската заедница и меѓународната заедница, е добра идеја.
Дачиќ, пак, прецизира дека станува збор за времено решение и дека останало да се договорат многу технички детали.