Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, денеска попладне, во кабинетот на шефицата на европската дипломатија во Брисел, Кетрин Ештон, ќе се сретне со косовскиот премиер,Хашим Тачи, за да разговараат за примената на спогодбата што ја парафираа минатиот месец.
-Очекуваме дијалог за конкретните чекори што треба да се преземат за договорот што побрзо да се примени, за Танјуг кажа Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Две средби на ниво на работни групи, посветени на примената на спогодбата, што се одржаа во меѓувреме, минаа без договор за имплементација, иако шефот на белградскиот експертски тим, Дејан Павиќевиќ, изјави дека во текот на разговорите минатиот петок дошло до приближување на ставовите во врска со енергетиката и телекомуникациите.
-Примената на спогодбата е од клучна важност за продолжување на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, истакна Коцијанчич и потсети дека тоа е важно и заради условот што Европскиот савет и го постави на Србија за годинава да почнат преговорите за придружување кон ЕУ.
Премиерот Дачиќ изјави дека од Белград се очекува до крајот на неделава да направи план за примена на бриселската спогодба, во која ќе бидат наведени рокови и постапки што ќе се завршат во одреден период.
-Зборуваме за начелни рокови. Планот е потребен за некој да може да заклучи дека нешто сериозно работиме. Без план за имплемантација, а тоа покрај другото се однесува на полицијата, правосудството и одредени рокови, не можеме да очекуваме германска согласност за добивање датум за почеток на преговорите, рече Дачиќ за РТС пред денешниот состанок.
Тој наведе дека ќе се формира работна група која овој план ќе го подготви и подвлече дека Белград ја парафираше и потпиша спогодбата за во неа да стои дека е неопходен план за имплементација и дека е тоа обврска.
Премиерот, меѓутоа, прецизираше дека тоа не подразбира дека до 28 јуни ќе се имплементира се од спогодбата, туку дека на терен се гледа дека работите тргнуваат во тој правец.
Според него, потребно е да се договори што се се случува во вакуумот што ќе постои додека не се конституира Заедницата на српски општини и затоа е побарано да се формира подготвителен тим, и дека косовското собрание треба да донесе Закон за амнестија.
-Интерес на Србија е да се имплементира тоа што се договоривме и да добиеме датум за почеток на преговори, заклучи Дачиќ.
Европската комисија во април му препорача на Советот да ги отвори преговорите со Србија, но конечната одлука ќе ја донесат шефовите на држави и влади на земјите ченки на ЕУ на 28 јуни во Брисел, и тоа врз основа на оценката за напредокот во спроводувањето на спогодбата.