Бабата и дедото на Матеј Периш од Сплит, кој исчезна во Белград ноќта меѓу 30 и 31 декември, се очајни поради се што се случи и страшната неизвесност која трае веќе една недела.
„Мајката на Матеј не е дома, отиде на миса. Ние сме негови баба и дедо. Матеј живееше со нас овде во станот. Понекогаш одеше кај татко му само на ручек. Овде го израснавме, се боревме за него“, велат тие.
На прашањето дали имаат нови информации за него, тие одговараат негативно.
„Ниту ние, ниту мајка му немаме ништо. Беше фин и културен тип, спортист. Љубезен и благ, се најдобро, најдобро што секој може да каже за него. Беше послушен, правеше се што ќе го замолевме да направи. Спортуваше, трчаше секој ден и одеше во теретана. Ништо лошо. Последен пат се видовме во средата, пред да замине за Белград. Се гушкавме и се бакнувавме, оттука со другарите замина во Белград“.
Како што велат, виделе снимки од Белград и „им е чудно што некој не се јавил кога го виделе како трча“.
Тие посочуваат дека малку се слушаат со таткото на Матеј, Ненад, бидејќи нивната ќерка и тој се разведени откако Матеј имал четири години.
Додаваат дека на мајката на Матеј и е тешко и дека очекува тој да си дојде дома.
„Постојано оди на миса, се моли на Бога. Таа е побожна, целата нејзина надеж е во Бог“ – велат и додаваат дека со девојката на Матеј Сања се во одлични односи.
За приказната дека имало конфликт во клубот Готик велат:
„Има таква приказна, но не знаеме што е вистина. Никогаш не бил проблематичен, беше пристојно момче“.
„Не изгубивме надеж, но се плашиме. Поминаа многу денови од исчезнувањето. Тој е цврсто, силно и здраво момче, се хранеше здраво… Ако е при здрава свест и ако главата му е во ред, ќе се појави. Да беше сега при здрава свест, никогаш не би можел да дозволи да се грижиме и да страдаме толку многу за него, изјавија очајните баба и дедо на исчезнатиот Матеј.