Црногорското Собрание денеска треба да расправа за предлогот на премиерот Здравко Кривокапиќ за разрешување на вицепремиерот Дритан Абазовиќ.
На Колегиумот на претседателот на Собранието е договорено доколку има кворум и доколку се изгласа предложениот дневен ред седницата да трае три часа.
Во предлогот за разрешување на Абазовиќ се наведува дека пратениците на Граѓанското движење УРА, заедно со дел од пратениците на Демократската партија на социјалистите и другите партии од поранешната власт, поднеле барање за гласање недоверба на Владата.
„Абазовиќ, како претседател на оваа политичка организација, јавно не ја оспори ваквата иницијатива, која директно го става во редот на оние кои работат против интересите на граѓаните и заеднички креирани и дефинирани цели“, вели Кривокапиќ во своето образложение.
Премиерот оцени дека е недозволив и непримерен ваквиот однос кон Договорот на лидерите на трите победнички коалиции од септември 2020 година, но и кон граѓаните на Црна Гора кои очекуваа хармонично и правно политичко дејствување на сите членови на Владата.
„Некоректноста со која се урива Владата, чиј член е, со истовремено зачувување на функцијата на која е избран, рушењето на принципите и уставните начела врз кои се темели функционирањето на Владата, се непростливи причини поради кои предлагам разрешување на потпретседателот Абазовиќ“, наведува Кривокапиќ во предлогот за негово разрешување од функцијата.
Кривокапиќ воедно предлага црногорскиот Парламент за нов вицепремиер да го избере актуелниот министер за финансии и социјала, Милојко Спајиќ.