Во повеќе градови во Црна Гора вечерва се одржуваат протестни колони поради најавеното формирање влада со поранешните партнери на Демократската партија на социјалистите (ДПС), но без коалицијата За иднината на Црна Гора, јавуваат подгоричките медиуми.
Претставникот на организаторите на колоната, Иван Милиќ, рече дека учесниците на протестот ги повикуваат политичарите да се вратат на победата од 30 август, која, како што наведе, ја прероди Црна Гора, пренесува РТЦГ.
– Ги повикуваме да се вратат на големата победа од 30 август која ја прероди Црна Гора. Тука ќе бидеме до крај и нема да се предадеме – изјави Милиќ.
Во Никшиќ сообраќајот бил блокиран 20 минути на кружниот тек.
Во Тиват учесниците се собраа на траектниот премин Лепетане. Засега сообраќајот не е во прекин, иако качувањето и слегувањето е отежнато.
Во Плевља колоната застана на улицата Краља Петра помеѓу зградата на општината и општинското собрание. Сообраќајот набрзо беше ослободен.
Полицијата на лице место разговарала со учесниците и ги предупредила дека прават прекршок, бидејќи собирот не е најавен и дека мора да ги пуштат возилата на итната помош и другите служби.
Протестот е организиран, како што соопштија организаторите преку социјалните мрежи, поради несогласувањето дека коалицијата „За иднината на Црна Гора“, според најавите, нема да биде дел од владејачкото мнозинство и дека партиите кои некогаш соработувале со Мило Ѓукановиќ се се воведува во владата.
На Вибер е формирана групата „Одбрана на изборната волја“ каде дел од групата предлагаат протести бидејќи сметаат дека и на овие избори биле измамени.
Пратеникот на Нова српска демократија (НСД) и на коалицијата За иднината на Црна Гора, Јован Вучуровиќ, им честиташе, како што рече, на храбрите граѓани кои се организирале да го одбранат својот глас и кои покажуваат голема одговорност, пренесува Танјуг.