Црна Гора нема корист од „мал Шенген“

Од:

Побједа – Подгорица

Иницијативата „мал Шенген“, поведена од претседателот на Србија, предизвика остри полемики во регионот, но и резервираност на Црна Гора. Прашањето е зошто Александар Вучиќ токму сега ја почна иницијативата и дали станува збор за еден вид притисок врз Косово заради таксите што ѝ ги наметна на Србија пред една година или тоа е надомест за Северна Македонија и Албанија, бидејќи тие не отворија преговори со ЕУ? Аналитичарите се согласуваат за една работа – воздржаноста на Црна Гора е рационална.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, изјави за „Побједа“ дека „мал Шенген“ е обид на Вучиќ да наметне „стратешка игра“ што ќе му овозможи надмоќ како најважна земја на Балканот.

– Во суштина, таа иницијатива треба да биде некаква верзија на договорот ЦЕФТА. Сепак, она што во суштина им недостасува на земјите од Западен Балкан, кога станува збор за ЕУ, е бавното темпо на реформите и неподготвеноста да се прифатат либералните вредности. Србија е при дното кога станува збор за тоа. Предупредувањето на Макрон дека „НАТО е во состојба на мозочна смрт“ и „ЕУ е на работ на бездна“, како и неговото вето против започнување преговори со Северна Македонија и Албанија сè додека не се реформира ЕУ, не само што го доведе во прашање кредибилитетот на Унијата, туку и отвори простор за други актери, како и разни сценарија во рамки на Западен Балкан, вели Бисерко.

Таа истакнува дека на Вучиќ му било добредојдено ветото на Макрон, затоа што секако нема јасен став за иднината на Србија и нејзината припадност.

– Тој веднаш изјави дека Србија ќе се сврти кон себеси и своите пријатели Русија, Кина и Турција, посочува Бисерко, објаснувајќи дека европската перспектива е важен мобилизациски фактор, кој ослабна со текот на времето.

Србија оптоварена со афери

Уочувајќи дека на ЕУ ѝ се потребни реформи, таа смета дека не е фер да се остави Балканот на цедило.

– Секогаш се сеќавам на реченицата на (поранешниот претседател на Европската комисија Жак) Делор од 1990 година дека „Балканците се сирачиња на Европа“. За да се направи ЕУ и целиот процес поверодостоен, треба да се отворат структурните фондови, кои би го забрзале развојот на овие земји, вели Бисерко.

Таа истакна дека Црна Гора се одлучила за евроатлантска интеграција и отишла најдалеку во оваа насока од сите земји на Западен Балкан и, како што стојат работите сега, нема сериозни придобивки од пристапувањето кон „малиот Шенген“.

– Освен ако не се направи сериозен реформски исчекор, оваа иницијатива нема смисла. Засега е од корист само за Србија како земја што има суфицит со сите соседни земји. Проблемот што може да биде сериозен е секако фактот дека Србија потпиша договор за бесцаринска унија со Евроазиската унија, вели Бисерко.

Таа предупредува дека Србија е оптоварена со афери на внатрешнополитички план, каде што актерите се поврзуваат со Српската напредна партија, па се поставува прашањето дали со иницијативата „мал Шенген“ се сака да се сврти вниманието од најновата афера околу продажбата на оружје во Србија, чиј главен актер е татко на министерот за внатрешни работи.

– Србија живее на дневни афери. Споменатата афера со оружје е секако посериозна и се презентирани сериозни докази, одговара Бисерко, и констатира дека не е јасно каде тоа води и што сè се крие зад тоа, односно дали станува збор само за кривични дела или можеби тоа е пресметка во самата СНС пред изборите.

Украдена идеја

Милан Јовановиќ, претседател на Форумот за безбедност и демократија, потсетува дека Еди Рама беше првиот што изговори „мини Шенген“ на почетокот на мај во Сараево, неколку месеци пред распишувањето на изборите во Косово и пред Франција со вето да ги запре Албанија и Македонија, на прагот на преговорачкиот процес.

– Српскиот претседател, идејата изнесена пролетоска, јавно ја поддржа дури есента, неколку месеци подоцна, во септември, и тоа во јавување од Њујорк по тамошните политички средби. Подоцнежните случувања ги покажаа „потенцијалите“ на идејата на Рама, а всушност допрва треба да ги покаже.

– Во секоја од овие земји „мал Шенген“ се гледа и користи од гледна точка на внатрешнополитичките потреби и односи, објаснува Јовановиќ.

Би можело да ве интересира

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

Двајца бугарски државјани уапсени во Црна Гора за обид за убиство

Горан Наумовски

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Младите Македонци и Црногорци најдоцна се осамостојуваат од своите родители

Горан Наумовски

Со нож нападнал невропсихијатар во Црна Гора затоа што не му издал дозвола за оружје

Силно невреме ја погоди Црна Гора: Поплавен е дел од Јадранската магистрала