Цохазопулос осомничен за вмешаност во криминална банда

Од:

Нов скандал го тресе поранешниот министер за одбрана на ПАСОК, Акис Цохазопулос, кој е осомничен за вмешаност во нарачка на бомбашки напади и за соработка со криминална организација.

Грчката полиција вчера уапси 17 од вкупно 37 лица кои се осомничени за криминално здружување, организирање вооружени напади, уцени и изнуди од политичари.

Цохазопулос, некогашниот силен министер за одбрана на ПАСОК, кој веќе е во затвор за мито и корупција, се товари како соучесник во три бомбашки напади во 2014 година на домот на Јанис Сбиоку, поранешен раководител на секторот за воена опрема во Министерството за одбрана и негов близок соработник, кој, исто така, беше обвинет за учество во случајот кој го стави Цохазопулос зад решетки. Покрај обвиненијата за нарачка на овие бомбашки напади, Цохазопулос се товари дека учествувал и во случајот на уцена на сестрата на Сбиоку.

Полицијата оценува дека е можно ова да е најголемата криминална организација што оперирала низ Грција досега, а во која се вклучени лица на високи позиции, како поранешен министер, адвокати, полицијци кои соработувале со осудени терористи и со изнудувачи.

Се претпоставува дека организацијата стои зад голем број бомбашки напади на лица, како поранешната управителка на затворот во Атина, напад над станот на судијата на Апелацискиот суд, судија од првостепениот суд во Трикала.

Обвинителството располага со документација од 120 страници со докази и со сведочења за огромен број кривични дела на организацијата, како нелегално изнудување пари, киднапирање, експлозии, обиди за убиство, подмитување, лихварски услуги, закани, психолошко насилство.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит