Ципрас ветува подобрување на условите од договорот со кредиторите на Грција

Од:

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас вети дека ќе се бори за подобрување на условите од последниот пакет финансиска помош за Грција во обид да го зачува водството во анкетите, кое нагло го губи само две недели пред предвремените избори.

Во синоќешниот предизборен говор во Солун, Ципрас не понуди нови политички идеи, но вети илјадници нови работни места и борба против корупцијата.

Тој застана во одбрана на неговиот резултат во борбата со грчките кредитори во седумте месеци кога беше премиер, и покрај тоа што на крајот беше принуден да се откаже од барањата за да обезбеди трет спасувачки пакет од 86 милијарди евра.

– Битката за подобрување е далеку од завршена, рече Ципрас, осврнувајќи се на помошта за спас на земјата. Тој вети дека ќе се обиде да добие некаков вид отпишување на долгот и да ги протурка грчките барања за „враќање на колективната моќ за преговарање за работниците“, на што доверителите се спротивставуваат.

Ципрас изјави дека неговата битка со кредиторите ја предизвикало, како што ја нарече, догмата за штедење во Европа. Според него, на Германија, најголемиот кредитор на Грција, и е нанесен „морален пораз“.

– Европа не е иста по седумте месеци преговори со нашата земја, Европа е шокирана од тешката битка на еден одлучен народ, рече тој.

Претходно Ципрас ги минимизираше стравувањата дека на изборите ќе има поразувачки резултат, велејќи дека има доволно неопределени гласачи кои на самиот ден ќе произведат јасен победник.

– Има 15 до 20 проценти неопределени гласачи во моментов. Со едноставна математика, тоа значи дека партијата што ќе биде прва, ако не обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот, ќе биде многу блиску до тоа. Така ќе биде формирана влада, рече Ципрас во интервју за телевизија Скај.

Тој повторно ја отфрли можноста за формирање влада на национално единство со Нова демократија ако не добие доволно гласови на изборите, иако анкетите покажуваат дека повеќето Грци сакаат да го направи тоа.

– Нема простор за соработка во владата затоа што разликите во нашите политички програми се многу големи и затоа што ние многу добро знаеме дека немаме иста цел, рече Ципрас.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит