Ципрас и поддржувачите на СИРИЗА очекуваат победа на утрешните избори

Од:

Во присуство на претседателот на грчкиот Парламент, на министри од владата, на кандидатите за градоначалник на Атина и префект на Атика, на кандидатите за европратеници, во присуство на неговата партнерка Бети Базиана, но и на бројни поддржувачи на партијата, грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас синоќа во Атина, на плоштадот Синтагма го одржа последниот предизборен митинг во пресрет на утрешните локални и европски избори, јави дописничката на МИА од Атина, која го следеше собирот на грчката владејачка партија.

Од премиерската палата до плоштадот Синтагма, Ципрас стигна пеш, растојание од околу 800 метри. Се движеше меѓу поддржувачите на СИРИЗА кои го поздравија со аплауз, а потоа им се обрати од специјалната и малку поинаква бина поставена ниско, токму пред грчкиот Парламент.

Упати порака дека Атина го дава конечниот одговор, „Грција не се враќа назад“ но и порака на победа во недела, а од граѓаните побара глас на доверба за владината политика.

-Во недела гласаме за европскиот парламент, гласаме за општините и перифериите, но веќе е познато за сите, во сите делови на Грција дека гласаме и за нашиот живот. Во недела, не одлучуваме само кои претставници ќе ги пратиме во Европскиот Парламент, туку во недела ќе одлучиме со кој план ќе се движи земјата, сега кога излеговме на постмеморандумската ледина, сега кога можеме слободни да го планираме следниот ден за нашата татковина со кој план ќе чекориме, истакна грчкиот премиер во неговиот едночасовен говор.

На крајот од говорот под звуците на „Bella ciao“, Ципрас им се заблагодари на граѓаните и рече дека нивното присуство „испраќа порака на победа“.

-Денешниот собир донесе порака на победа и оваа порака во недела вечер ќе стигне на изборите, ќе стигне од еден на друг крај низ цела Грција и во Европа, порача Ципрас.

Членовите, поддржувачите на СИРИЗА кои вчера на Синтагма го следеа последниот предизборен митинг на партијата и говорот на Алексис Ципрас, во разговор со дописничката на МИА од Атина изразуваат убеденост дека СИРИЗА повторно ќе биде победник. И на утрешните двојни избори, но и на следните парламентарни.

-Само нашиот лидер можеше да ја извади земјата од кризата, но знаете што? Направи и нешто многу поважно. Го реши проблемот со вашата земја. Му симнувам капа за тоа. Сега веќе сме пријатели, вели Василис повозрасен поддржувач на СИРИЗА за МИА.

-Малку ме загрижуваат истражувањата на јавното мислење кои даваат предност на Нова демократија, но од друга страна анкетите, во минатото се покажа дека не се секогаш точни. Верувам во Алексис и во неговата политика, ќе победиме, коментира повозрасна Гркинка додека го чека грчкиот премиер да се обрати.

-Не верувам дека Нова демократија може да добие повеќе гласови од СИРИЗА споредено со изборите во 2015. Кој би гласал сега за Мицотакис, а не за Ципрас, особено по пакетот мерки? Посебно на парламентарните избори на есен. Убедена сум дека СИРИЗА ќе биде на власт и во следните четири години, вели младата Натаса.

Би можело да ве интересира

Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, вели Попов

Грчката Сириза избра нов лидер: Сократис Фамелос на чело на поранешната владејачка партија

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски