Ципрас бара сојузници против мерките за штедење

Од:

Грчкиот премиер Алексис Ципрас почна лов по сојузници против германските барања за штедење додека неговата Влада побара од Европската централна банка да не ја затвора славината за пари, пишува „Блумберг“.

Министерот за финансии Јанис Варуфакис изјави дека неговата земја нема да прими уште помош во рамките на постоечкиот договор за спас и сака до крајот на мај да се постигне нов договор со кредиторите. И додека Грција се обидува да добие отстапки во однос на својот долг и плановите за трошење, потребна и е помош од ЕЦБ со цел да ги задржи своите банки во живот, изјавил Варуфакис вчера попладне на брифинг во Париз.

– Нема да бараме уште заеми. Во овој период, сосема е можно во соработка со ЕЦБ да се воспостават одредбите на ликвидноста кои се неопходни, рекол Варуфакис по средбата со неговиот француски колега Мишел Сапин.

Ципрас, кој изминатиов викенд вети дека Грција ќе ги почитува своите финансиски обврски, бара начин да ја поправи штетата по првата бурна недела од работата на неговата Влада. Откако германската канцеларка Ангела Меркел ги отфрли неговите планови за зголемување на трошењето и отпишување на долгот, паднаа приносите од обврзниците и банкарските резерви.

Грчкиот премиер денеска ќе го посети Кипар, а потоа ќе отпатува во Рим, Париз и Брисел. Засега нема договорено средба со Меркел, до самитот на ЕУ на 12 февруари, јави дописникот на МИА од Атина.

„Блумберг“ коментира дека Меркел сака да избегне да биде вовлечена во директен судир со Ципрас и мала е веројатноста да се договорат за билатерална средба на лидерскиот состанок следната недела, соопштил германски владин претставник кој побара да остане анонимен.

Според други функционери, германската канцеларка сака да му покаже на Ципрас дека е изолиран. Спред неа нема многу простор за маневар за условите на било која понатамошна поддршка за Грција и е скептична во врска со тврдењата на Ципрас дека тој може да ги зголеми приходите со намалување на корупцијата и зголемување на даноците за богатите.

– Европа ќе продолжи да покажува солидарност со Грција, како и со другите држави кои се погодени од кризата, доколку овие земји преземат реформи и напори за штедење, рече Меркел во интервју за „Хамбургер Абендблат“.

И додека властите од еврозоната бараат Грција да ги почитува барањата за штедење од постоечкиот договор за финансиска помош, Ципрас бара отпишување на долгот за да може да ја зголеми јавната потрошувачка.

Во меѓувреме, постои реална опасност грчкиот финансиски систем да остане без средства многу време пред мај, кој Ципрас го постави како рок за постигнување нов договор.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит