Четворица членови на грчката неофашистичка партија „Златна зора“ упаднале на проекција на грчко-американски документарен филм во Њујорк и со мегафон се обиделе да ја спречат дискусијата по прикажувањето на филмот.
Инцидентот се случил изминатиов викенд во културиниот центар Статакион за време на проекцијата на филмот „Грчко-американски радикали: нераскажана приказна”, историски документарец за патување на грчко-американскиот радикализам, јави дописникот на МИА од Атина.
Документарецот е приказна за искуство на грчки имигрант во Америка, улогата на имигрантите во радикалното работничко движење во САД и патувањето на грчко-американската левица од почетокот на 20 век па се до антикомунистичкиот „лов на вештерки“ во ерата на Мекарти.
Четворица млади неофашисти од „Златна зора“ упаднале меѓу публиката во преполната кино сала и по завршувањето на проекцијата со мегафон се обиделе да ја спречат дискусијата.
Организаторите на настанот веднаш интервенирале и насилниците ги исфрлиле надвор. При излегувањето од кино салата, неофашистите извикувале „комуњари ќе умрете!“
Ова е петти пат во една година членови на грчката неонацистичка партија гласно да го покажат своето присуство во Њујорк.