Ќе ги надминеме задоцнувањата во подготовката за изградба на гасоводот „Јужен поток“ на територијата на Бугарија и до крајот на годината треба да имаме одобрен Детален градежен план, ОВОС и Технички проект за трасата, изјави денеска министерот за економија и енергетика Драгомир Стојнев, пренесе БТА.
– Преку гасоводот природниот гас кај нас треба да дојде до декември 2015 година, изјави министерот.
Премиерот Пламен Орешарски и министерот Драгомир Стојнев денеска во Министерскиот совет се сретнаа со претседателот на Управниот совет на „Газпром“ ,Алексеј Милер.
Во преговорите за изградба на гасоводот владата го штити националниот интерес и затоа половина од уделот во проектната компанија е на Бугарија, подвлече министерот Стојнев.
Тој подвлече дека за проектот нема државни гаранции и нема да се трошат парите на даночните обврзници.
– Со изградбата на трасата за „Јужен поток“ ќе постигнеме диверсификација на трасата за испорака на синото гориво и ќе обезбедиме десетици илјади работни места, додаде Стојнев.
Русија е подготвена да ја финансира изградбата на целиот гасовод на бугарска територија и за таа цел се обезбедени 3.1 милијарда евра.
Бугарија нема да плаќа за изградба на гасоводот, бидејќи таа својот удел ќе го плати со идните транзитни такси за гас.